Најмалку 18 лица се убиени во пукањето во Мејн, изјави во четвртокот, 26 октомври, гувернерката на оваа американска сојузна држава Џенет Милс.
Милс на прес-конференцијата рече дека осомничен за пукањето, во кое биле ранети и 13 лица, е Роберт Кард.
Стотици полицајци трагаат по Кард откако тој отвори оган во средата навечер во куглана и ресторан во градот Луистон.
Милс рече дека се смета оти Кард е вооружен и опасен.
Видете и ова: Пукање во американскиот град Луистон, има жртвиНа жителите во Луистон претходно им беше кажано да се засолнат, да ги заклучат вратите и да останат таму до понатамошно известување. Овие препораки беа проширени и за околните градови Лисабон и Обурн, како и Боудоин кој е роден град на осомничениот.
„Ве замолуваме да останете во вашите домови бидејќи повеќе од 100 истражители, локални и федерални, работат на лоцирање на Роберт Кард, кој е личност од интерес за пукањето во Луистон“, напиша полицијата на мрежата Х (поранешен Твитер).
Во соопштението од Министерството за државна безбедност претходно наведоа дека во потрагата се вклучени федерални агенции, како и локални и државни.
Главниот медицински центар во Мејн објави дека реагира на „масовната несреќа, масовното пукање“ и оти се координира со останатите болници во тој регион за да ги згрижи ранетите.