Вучиќ и Курти на 26 октомври во Брисел со тројца европски лидери

Од лево кон десно: Александар Вучиќ, Јозеп Борел, Мирослав Лајчак и Албин Курти во Брисел (14.09.2023)

Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ беа поканети да дојдат во Брисел на 26 октомври на серија индивидуални средби со поединечни лидери на Европската унија (ЕУ), потврди портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Според него, средбите што ќе ги имаат лидерите на Косово и Србија се продолжение на процесот што започна минатиот викенд, кога таканаречената „голема петорка“ ги посети Приштина и Белград.

„Идејата е овие состаноци да се одржат на маргините на самитот на ЕУ како поддршка за враќање на дијалогот. Пораката на ЕУ е дека очекуваме двете страни, Србија и Косово, веднаш и непречено да се вратат на обврските кои произлегуваат од дијалогот, веднаш да се работи на деескалација и рестартирање на дијалогот“, рече портпаролот на ЕУ Стано.

Како што дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од свои извори, Курти и Вучиќ ќе бидат примени од германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Видете и ова: Вучиќ го одликуваше Гренел за неговата улога во дијалогот Белград-Приштина

На двете одвоени средби ќе присуствува и европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел.

Портпаролот Петер Стано најави дека подоцна за време на дводневниот самит на ЕУ, Борел ќе ги информира шефовите на држави и влади за состојбата во процесот на нормализација на односите.

Петер Стано изјави дека средбата меѓу Курти и Вучиќ не била планирана.

Сепак, некои дипломатски извори во Брисел посочија дека од средбата со европските лидери ќе зависи дали ќе има заедничка средба меѓу премиерот на Косово и српскиот претседател, како дел од дијалогот за нормализација на односите.

Портпаролот на Европската унија во вторникот на 24 октомври потврди дека за време на посетата на „големата петорка“ на Приштина и Белград на 21 октомври, на двете страни им бил претставен „модерен европски предлог“ за статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово.

Лидерите кои во четврток ќе разговараат со косовскиот премиер и со српскиот претседател се дел од „големата петорка“ што го достави овој предлог.

Овој предлог ќе се најде на маса на средбата што ќе ја имаат лидерите на Србија и Косово во четврток.

Изворите на РСЕ, исто така, подвлекуваат дека од Белград ќе се бара да ја потврди поддршката за договорот за патот кон нормализација на односите и анексот за спроведување.

Видете и ова: Курти прифати планот на западните пратеници да биде нова рамка на преговорите

Пратениците на таканаречената „голема петорка“ ги посетија Косово и Србија нешто помалку од еден месец по инцидентот во Бањска на северот на Косово на 24 септември, кога група вооружени Срби нападнаа припадници на косовската полиција. Во таа прилика беа убиени еден косовски полицаец и тројца Срби.

Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ на 27 февруари во Брисел се договорија за новиот договор за патот кон нормализација на односите.

На средбата во Охрид одржана на 18 март тие го договорија анексот за имплементација на овој договор.

Договорот и анексот не беа потпишани бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби со образложение дека „Србија е меѓународно призната држава, но Косово не е“.

И покрај недостигот на потпис, Европската унија инсистира дека договорот е правно обврзувачки за двете страни.