Гутереш „шокиран“ од обвинувањата дека го оправдува тероризмот

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш зборува додека го посети граничниот премин Рафах меѓу Египет и Појасот Газа, во услови на тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас, во Рафа, Египет, 20 октомври 2023 година.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска изјави дека е „шокиран“ од, како што рече, „погрешно претставување“ на неговите изјави.

„Шокиран сум од погрешното претставување на некои од моите изјави вчера во Советот за безбедност - како да ги оправдувам терористичките акти на Хамас“, им рече Гутереш на новинарите.

Израелските власти во средата изразија бес поради коментарите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш дека смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел „не се случил во вакуум“, нарекувајќи ја неговата изјава оправдување за тероризмот.

Видете и ова: Израел го обвинува шефот на ОН дека го оправдува тероризмот на Хамас

Министерот за надворешни работи Ели Коен ја откажа закажаната средба со Гутереш, додека Јад Вашем, израелскиот меморијален комплекс посветен на жртвите на холокаустот, објави дека шефот на ОН „паднал на тестот“.

„Нема да се сретнам со генералниот секретар на ОН. По масакрот на 7 октомври, нема простор за балансиран пристап. Хамас мора да се избрише од лицето на планетата!“, напиша Коен на 24 октомври на социјалната платформа Х, порано позната како Твитер.

Пратеникот на Израел во ОН, Гилад Ердан, повика на оставка на Гутереш, велејќи дека Израел мора да ги преиспита своите односи со светската организација.

„Ќе одбиеме да им дадеме визи на претставниците на ОН. Веќе одбивме да му дадеме виза на потсекретарот за хуманитарни прашања Мартин Грифитс“, изјави Ердан за армиското радио, обвинувајќи го Гутереш дека го оправдува колењето.

Израел историски има затегнати односи со ОН, обвинувајќи ги Обединетите нации за пристрасност против земјата.