Абазовиќ: Нема пречки за одржување на пописот во Црна Гора

Претседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ

Претседателот на црногорската Влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ денеска изјави дека, што се однесува до сегашната Влада, пописот на населението може да почне и нема пречки за негово одржување, а доцнењето ќе значи дополнителни трошоци.

Абазовиќ ова го кажа на седницата на Владата и додаде дека вчера непознати лица им пречеле во работата на инструкторите и попишувачите во Улцињ, поради што е побарано од полициската управа да се вклучи во безбедносната проценка на попишувачите.

„Ние треба само да постапиме согласно Уредбата, уредбата мора да се смени, се разбира, за да може секој легитимно да носи одлуки. Во моментов нема пречка да почне процесот. Мораме да размислуваме за дополнителни трошоци доколку се одложи процесот. Без разлика на тоа, сосема е легитимно да се носат одлуки. Што се однесува до 43-та влада, за нас тоа прашање е процедурално архивирано и секое дејствие може да почне онака како што било предвидено“, рече Абазовиќ.

Видете и ова: Црногорската влада одлучи - во ноември попис на населението

И црногорскиот министер за финансии Александар Дамјановиќ изјави дека Заводот за статистика на Црна Гора (Монстат) заедно со оваа влада е подготвен да го спроведе пописот.

Тој испрати барање до Управата на полицијата да се вклучи во врска со барањето на Монстат за безбедносна проценка на попишувачите инструктори и попишувачите кое било испратено на 16 и 23 октомври.

Пописот на населението во Црна Гора беше најавен од 1 до 15 ноември, а претставникот и лидер на Движењето Европа сега, Милојко Спајиќ, вчера најави дека новата извршна власт ќе го одложи пописот за еден месец. Тие тврдат дека нема услови за одржување на пописот кој веќе две години доцни во Црна Гора, па дури и дека резултатите се веќе фалсификувани.