Од Зеќири до Туск

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Во животозагрозувачка состојба се двајцата повредени при денешното пукање во „Ист гејт мол“, потврдуваат директорите на болниците каде се оперирани, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија ќе испрати дополнителен број на војници во рамите на Мисијата на КФОР во Косово, одлучи Владата на седницата на 24 октомври. Донесена е одлука да се испрати вод од 35 луѓе.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Советот за безбедност на обединетите нации (ОН) изјави дека мора да се размислува за хуманитарна пауза во борбите во Појасот Газа за да се дозволи испорака на помош.

ИЗРАЕЛ - Агенцијата на ОН, која се грижи за палестинските бегалци (УНРВА) предупреди дека би можело да биде принудена да ги прекине операциите во Појасот Газа од среда навечер, доколку не се испорача гориво.

ЕУ - Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се поканети во Брисел на 26 и 27 октомври. Нивното доаѓање го најави портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано, кој не можеше да потврди дали ќе има заедничка средба на лидерите.

МОЛДАВИЈА - Молдавија на 24 октомври го блокираше пристапот до повеќе од 20 веб-страници на руски медиуми, велејќи дека тие биле користени како дел од информативната војна против земјата.

ОН - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на 24 октомври обвини дека се прекршува меѓународното хуманитарно право додека Израел ја напаѓа Газа. Гутереш, говорејќи за време на седницата на Советот за безбедност на ОН, исто така повика на итен хуманитарен прекин на огнот за да се овозможи помош.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Петмина државјани на Северна Македонија, кои се наоѓаат во Газа изразиле интерес да се вратат во државата, соопшти на 24 октомври македонското Министерството за надворешни работи.

РУСИЈА - Затворениот руски опозиционер Алексеј Навални е вратен во самица на 24 октомври, еден ден откако неговиот тип соопшти дека му биле одземени материјалите за пишување, кои му се единствено средство за комуникација со надворешниот свет.

КИНА - Кина го разреши министерот за одбрана, генералот Ли Шангфу од функцијата, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП). Тој не се појавуваше во јавноста речиси два месеци. Повикувајќи се на државните медиуми, АП пренесува дека Ли е втор висок кинески функционер кој е сменет оваа година.

ПОЛСКА - Лидерите на полските опозициски проевропски партии, кои на изборите на 15 октомври освоија мнозинство во двата дома на парламентот, најавија дека заедно ќе формираат влада и дека за премиер го предлагаат поранешниот претседател на Европскиот совет, лидерот на Граѓанската коалиција, Доналд Туск.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, започна од почеток, откако јавната обвинителка на денешното рочиште во Основниот Кривичен суд го трансформираше поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог, согласно измените на Кривичниот законик.