Зеќири ќе се брани од слобода, преквалификувано делото за кое е обвинет

Поранешниот генерален секретар во владата Мухамед Зеќири пред Кривичниот суд во Скопје (архивска фотографија)

Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, започна од почеток, откако јавната обвинителка на денешното рочиште во Основниот Кривичен суд го трансформираше поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог, согласно измените на Кривичниот законик.

Воедно, денеска беше укината и мерката притвор на Зеќири која беше заменета со мерки на претпазливост. Со мерките, Зеќири ќе треба секоја среда да се пријавува во судот, а ќе му биде одземена и патната исправа.

„Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар“, образложи обвинителката Катерина Коларевиќ.

Согласно сега поднесениот обвинителен предлог, на поранешниот генерален секретар Зеќири му се става на товар делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ - 353 став 4 кој предвидува казна затвор од 1 до 5 години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години.

Видете и ова: Екс секретарот на Владата Мухамед Зеќири не се чувствува виновен

Дополнително, согласно измените на КЗ, сега процесот ќе се води по скратена постапка, според член 470 од Законот за кривична постапка, кој вели дека делата за кои е пропишана казна затвор до пет години, се водат по скратена постапка.

На денешното рочиште, поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, изјави дека не се чувствува за виновен за делото кое му се става на товар.

Со тоа обвинетиот со одлука на судијката беше пуштен да се брани од слобода, под горенаведените мерки на претпазливост.

Обвинителството го товари Мухамед Зеќири дека во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147 000 евра повеќе од претходно договорените 795 000. Судењето продолжува на 7 ноември.