Поранешниот премиер на Пакистан, Наваз Шариф, кој помина три мандати на функцијата, на 21 октомври се врати во земјата од четиригодишен егзил во Лондон. Неговото враќање, како што соопшти партијата Пакистанска муслиманска лига – Наваз (ПМЛ-Н), е со цел тој да ја започне кампањата за општите избори што треба да се одржат за три месеци.
Од главниот град Исламабад, Шариф ќе замине за родниот Лахоре на истокот на земјата, каде неговите поддржувачи веќе почнаа да се собираат на митинг за да му посакаат добредојде.
Експремиерот не бил во Пакистан од 2019-та кога замина во Лондон на лекување додека отслужуваше 14-годишна затворска казна за корупција. Пресудата сè уште е на сила, но судот во четвртокот им забрани на властите да го апсат се до вторник кога Шариф треба да се појави на суд.
Со пресудата, тој има забрана да се кандидира за реизбор или да извршува друга јавна функција, но неговиот правен тим најавува дека ќе поднесе жалба. Неговата партија, пак, вели целта е Шариф да стане премиер по четврти пат.
Видете и ова:
Пратениците од партијата на соборениот пакистански премиер поднесоа оставки во ПарламентотНајголем предизвик за него ќе биде да го врати гласачкото тело што го презеде неговиот најголем ривал Имран Кан кој и покрај тоа што е во затвор успеа да ја задржи популарноста откако беше сменет од премиерската функција во 2022 година.
И на Кан му е забрането да се кандидира за јавна функција поради пресудата за корупција од август, за којашто поднесе жалба.
Шариф се враќа во Пакистан бидејќи оваа држава со 241 милион жители се опоравува од најтешката економска криза која уште повеќе се влоши за време на 16-месечното владеење на неговиот помлад брат Шебаз Шафир, која ја предводеше коалициската влада по соборувањето на Кан.
Постариот Шариф има репутација дека ја предводел земјата во време на економски раст и развој. Кога тој беше сменет од премиерската функција, во 2018 година економскиот раст на Пакистан беше 5,8 отсто со инфлација од околу четири отсто. Во септември годинава, пак, инфлацијата беше над 31 отсто на годишно ниво со прогноза дека економскиот раст ќе биде помал од 2 отсто.
Наваз Шариф тврдеше дека бил сменет од функцијата по налог на моќната војска откако се замерил со високи генерали кои играат клучна улога во пакистанската политика. Тој тврди дека на изборите во 2018 година војската го поддржала неговиот ривал Кан, што пак, другата страна го негира.
Видете и ова:
Поранешниот пакистански премиер Кан осуден на три години затвор и уапсенДодека беше на лекување во Велика Британија Шариф ги игнорираше судските налози да се врати во земјата кога премиер беше Кан.
Аналитичарите сега посочуваат дека за неговото враќање во земјата посредувал моќниот воен естаблишмент кој претходно влезе во конфликт со партијата предводена од ривалот Кан.
Политичката кариера на Шариф изминатите години се менуваше во зависност од неговиот однос со војската која се смета за вистинскиот креатор на политиките во земјата.
Политичарите во Пакистан често се предмет на судски постапки за кои набљудувачите велат дека ги организира воениот естаблишмент кој ужива огромна моќ.