Американскиот претседател Џо Бајден доцна на 19 октомври ќе има обраќање до нацијата. Се очекува фокусот да биде на Украина и влошената состојба на глобалната безбедност, бидејќи продолжува војната меѓу Израел и Хамас, додека тој се подготвува да побара од Конгресот 100 милијарди долари за помош, од кои речиси две третини наводно, ќе бидат наменети за Киев.
Бајден ќе одржи говор во 20 часот ( наполноќ според Средно време по Гринич или во 2 по полноќ според македонско време)во Овалната соба во Вашингтон, место кое претседателите традиционално го користат за да и се обратат на нацијата во моменти од критично национално значење.
„Претседателот Бајден ќе ѝ се обрати на нацијата за да разговара за нашиот одговор на терористичките напади на Хамас против Израел и тековната брутална војна на Русија против Украина“, рече портпаролката Карин Жан-Пјер во соопштение.
Видете и ова:
Египет ќе пушти 20 камиони со помош низ преминот Рафа
Бајден за време на посетата на Тел Авив на 18 октомври рече дека ќе побара од Конгресот пакет финансиска помош. Според медиумите, тој вклучува 60 милијарди долари за Украина и 10 милијарди долари за Израел, како и средства за Тајван и јужниот дел на американската граница.