Коп: Што правите вие, освен што трупате изговори за барањата за членство во ЕУ?

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп

Изговори наместо реформи, корупција, непотизам. Европската унија чека на Македонија, а не обратно. Ова е пораката која ја испрати холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп вели дека во земјава не постои вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што, како што рече денеска, блокираат промена и ја блокираат Инстанбулската конвенција.

„Сепак сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската Унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. Сѐ е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Со едноставни зборови нема вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што блокираат промена и ја блокираат Инстанбулската Конвенција“, рече Коп.

Видете и ова: Две децении по Спогодбата за стабилизација и асоцијација се уште далеку од ЕУ

Амбасадорот нагласи дека Холандија беше и ќе продолжи и понатаму да биде партнер за регионот на нивниот пат кон ЕУ.

Коп потенцира дека „ситуацијата во правосудниот сектор не остави без друга опција освен да ја евалуираме нашата поддршка која што ја даваме“.

Вицепремиерката за добро владење, Славица Грковска, порача дека покрај објективни има и тенденциозни кризи кои намерно ја одвраќаат земјава од европскиот пат.