Отворен е преминот Јариње на северот на Косово

Граничен премин Јариње

Граничниот премин со Србија на северот на Косово, Јариње, е отворен на 18 октомври, потврди за Радио Слободна Европа заменик директорот на полицијата за северниот регион Ветон Елшани.

Овој премин беше затворен „поради претрес на теренот“ од 24 септември, кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а во размената на оган загинаа и тројца напаѓачи од српска националност.

Претходно, на 4 октомври беше отворен и преминот Брњак, исто така на северот на Косово.

Официјална Приштина го обвини Белград за нападот во Бањска, што Србија го негираше.

Видете и ова:

Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот во Бањска

Косовскиот претседател Вјоса Османи на 17 октомври изјави дека досегашната истрага за настаните во Бањска на север „докажува дека Србија стои зад“ нападот врз косовската полиција на 24 септември.

Таа рече дека истрагата ја водат локалните власти во соработка со меѓународните партнери, а побара Европската Комисија да преземе казнени мерки против официјален Белград.

На 29 септември, Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на најголемата партија на косовските Срби - Српска листа, ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во Бањска.

Потоа беше приведен и испрашуван во Србија на 3 октомври, а еден ден подоцна Вишиот суд во Белград донесе одлука за ослободување на Радоичиќ од притвор, со мерка забрана за напуштање на територијата на Србија.

Западните земји остро го осудија нападот во Бањска, побараа истрага и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.