Србија ќе мора да се повлече од билатералните договори на денот на приемот во ЕУ

илустрација

Официјални лица на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека Србија може да склучи трговски договори со други земји или организации пред да влезе во ЕУ, под услов тие да не се во спротивност со одредбите од Договорот за асоцијација и стабилизација.

„Во контекст на преговорите за пристапување во ЕУ, Србија се обврза да се повлече од сите билатерални договори за слободна трговија на денот на пристапувањето во Европската Унија“, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано по повод потпишувањето на трговскиот договор меѓу Србија и Кина.

Стано објасни дека повлекувањето на Србија од трговските договори со трети страни не е „нов услов, туку општо правило кое важи за сите земји кандидати кои сакаат да се приклучат на ЕУ“.

Видете и ова: Путин во посета на Кина

На 17 октомври Србија и Кина потпишаа голем број договори, од кои најважен е Договорот за слободна трговија.

Договорот беше потпишан во Пекинг, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Вучиќ на почетокот на посетата на Кина рече дека договорот меѓу двете земји за слободна трговија ќе стапи на сила до мај или јуни следната година и укажа на неговото големо значење за српската економија.

На 17 и 18 октомври во Пекинг се одржува кинески самит со претставници на 130 земји, по повод одбележувањето на деценијата на Иницијативата „Појас и пат“ - клучниот геополитички проект на претседателот Си Џинпинг за проширување на глобалниот дострел на Кина.

На овој настан присуствува и претседателот на Русија, Владимир Путин.