Советот за безбедност на ОН го отфрли рускиот предлог за резолуција со која се бара прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Западните земји одбија да го поддржат рускиот предлог бидејќи не содржеше осуда на милитантното движење Хамас.
Државниот секретар на Соединетите Држави Ентони Блинкен пак најави дека американскиот претседател Џо Бајден во среда патува за Израел.
Во меѓувреме палестинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека најмалку 28 лица загинале во израелски напади во областа Рафа во близина на Египет, додека 23 биле убиени во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Видете и ова: Израел предупредува на долга војна против Хамас, Блинкен вети поддршкаМногу жители на Газа вчера беа евакуирани во Кан Јунис, откако израелската влада им нареди на цивилите да се преселат на југ од крајбрежниот појас.
Хуманитарните конвои кои денеска чекаа во египетскиот град Ел Ариш се упатиле кон граничниот премин Рафа со палестинската енклава Газа, соопштија претставници на хуманитарната служба.
„Пристигнавме на терминалот и сега го чекаме следниот чекор“, рече Хеба Рашед, која ја води хуманитарната група Мерсал.
Уште стотици камиони се упатиле по крајбрежниот пат на 40-километарското патување до Рафа, јавија француските медиуми.