Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да поднесе иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство и иницијатива до Владата за разрешување на директорот на Државниот инспекторат за градежништво Фатмир Арифи, бидејќи констатираа дека тој пред Комисијата не го оправдал начинот на кој се стекнал со имот во изминатиот период.
Како што информираа членовите на комисијата, станува збор за стан во Чаир, стан во Железара и моторно возило во вредност од 18 000 евра.
„Со цел да се утврди фактичката постапка, ДКСК го повика лицето на разговор, во разговорот беше побарано да се произнесе во врска со констатираните разлики во податоците до анкетниот лист и надлежните институци. Тој одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размне на автомобил со стан и тврдење дека за тоа има договор заверен на нотар. Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институци во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее произлегува дека именуваниот освен редовните примања по основ на плата не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средставата за стекнување на становите и возилото, не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени“, информира Билјана Ивановска претседателка на Антикорупциската комисија.
Видете и ова: Сопки на патот до новите „антикорупционери“Членовите на комисијата утврдија основ за сомневање за сторено кривично дело од Кривичниот законик.
„Ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат и зголемен како резултат на примања што се пријавени против лицето за кое се водело таа постапка поднесуваме иницијатива за покренување кривична пријава до Основното јавно обвинителство, исто така и до органот кој го именувал на функцијата директор, односно до Владата на РСМ предлагам да се достави иницијатива за одговорност и разрешување, бидејќи како директор на Државен инспекторат за градежништо да стекнува имот по пат на бесправно изградени објекти не е во ред“, истакна Ивановска.