Усвојувањето на уставните измени е прашање кое е во рацете на самата држава и на Собранието и тие кои што се засегнати, изјави денеска (13 октомври)евроамбасадорот Дејвид Гир за процесот на промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство.
„Тоа е суверена одлука што треба да се носи, но штом ќе се донесе таква одлука одиме кон следниот чекор што значи дека земјата продолжува да се придвижува напред и нема други дополнителни одлуки кои треба да се носат понатаму“, изјави Гир.
Евроамбасадорот се надева дека што поскоро ќе се усвојат уставните измени и верува дека местото на Северна Македонија е во ЕУ.
Видете и ова:
Агелер за уставните измени: Лидерите на партиите да направат вистинска работа„Позитивно гледам на усвојувањето на уставните амандмани. Истовремено да може земјата да ги имплементира сите реформи, и да може да стане полноправна членка“, истакна Гир.
На прашањето како ја коментира изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски, дека уставните измени треба да се донесат од следниот парламентарен состав, рече дека не може да ги коментира изјавите на различни политичари па дури и изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски.
„Единствено што можам да кажам е дека ние сите искрено се надеваме дека сите овие измени ќе можат да се направат што е можно поскоро за да може оваа земја конечно решително да се движи на нејзиниот евроинтегративен пат“, подвлече Гир.
Уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав остануваат дел од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.
Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму остаува на цврстиот став дека нема да гласа за уставни измени под, како што велат, „бугарски диктат“.