Нападнат службеник во израелската амбасада во Пекинг

Полицајци во цивилна облека пред израелската амбасада во Пекинг по нападот на службеник на амбасадата, 13 октомври 2023 година

Вработен во израелската амбасада во Пекинг во петокот бил нападнат, а потоа и хоспитализиран, соопшти Министерството за надворешни работи на Израел.

Кина веднаш не го призна нападот.

Сè уште не е познато што го предизвикало инцидентот, но тој се случи откако Израел ја критикуваше Кина за нејзината изјава по упадот на Хамас во јужен Израел минатата сабота.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападот не се случил во просториите на амбасадата, додавајќи дека израелските власти се обидуваат да ја проценат „позадината“ на она што се случило.

Идентитетот на вработениот не е соопштен и засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Претходно, израелското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое се вели дека амбасадорот Рафи Харпаз разговарал со кинескиот пратеник за Блискиот Исток, Џаи Јун, за да го изрази своето „длабоко разочарување“ од коментарите на Кина по нападот на Хамас.

Видете и ова:

Израел ги повика жителите да го напуштат градот Газа пред „големата операција“

Како што соопшти израелското Министерство „ Кина, јасно и недвосмислено не ги осуди страшните масакри што ги изврши терористичката организација Хамас врз невини цивили и киднапирањето на десетици луѓе во Газа“.

Во кинеското соопштение пак, се наведува дека Пекинг е „длабоко загрижен поради ескалацијата на тензиите и насилството меѓу Израел и Палестина и тажен поради цивилните жртви предизвикани од конфликтот“.

„Кина ги осудува акциите кои им штетат на невините цивили и повикува на брз прекин на огнот и крај на насилството, како и продолжување на мировните преговори засновани на решение со две држави“, се вели во соопштението.

Покрај вообичаениот контингент униформирани полицајци, во Пекинг, во израелската амбасада се стационирани неколку полицајци во цивилна облека.