Пред утрешниот штрајк, синдикатот на контролори на летање на средба во Министерството за транспорт

Macedonia - Skopje International Airport

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) е повикан на средба во Министерството за транспорт и врски попладне во 17 часот, заедно со директорите на Македонска навигација М-НАВ, потврди за МИА претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.

Средбата е во пресрет на штрајкот што Синдикатот го најави за утре од 11 до 17 часот, а во тек на кој нема да ги опслужува полетувањата и слетувањата на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, додека услугите за прелетите над македонското небо ќе бидат намалени за половина од редовните.

„Од страна на двајцата нови директори има потполна поддршка и разбирање со желба да се надминат проблемите во насока на прифаќање на нашите барања, но претседателот на УО на М-НАВ Фахрудин Хамиди кој е единствен останат од претходната раководна структура, ги „поматува“ и нашите и желбите на другите двајца директори“, изјави Тасевски.

Видете и ова: Синдикатот на контролори на летање демантира: Штрајкот не е ставен во мирување

Откако Синдикатот го најави штрајкот, поради, како што информираа оттаму, „непрофесионалното однесување на директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, од М-НАВ ги отфрлија тврдењата, завчера се одржа средба, но без позитивен исход.

Клучните барања на Синдикатот се токму во однос на постапките за вработување, бараат да нема вработувања на друг кадар освен контролори на летање и инженери и техничари, се додека не се направи нова систематизација што ќе биде базирана врз резултатите од студијата, која пак ќе ја подготви консултантска фирма за што се потребни пет до шест месеци.