Под мотото „Непокор и слобода“ се одбележува 11 Октомври - Денот на народното востание

Одбележување на празникот 11 октомври (Архивска фотографија)

Под мотото „Непокор и слобода“ денеска се одбележуваат 82 години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната борба.

Централната манифестација ќе се одржи пред Спомен-костурницата во Куманово, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“.

Цвеќе ќе биде положено пред спомениците на паднатите борци на НОБ во Скопје и во Прилеп, како и пред Спомен-костурницата во Куманово.

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, а во чиј состав ќе бидат и вицепремиерот Артан Груби, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество Азир Алиу, ќе присуствува на централната манифестација во Куманово.

Видете и ова:

Го славиме, а знаеме ли што одбележуваме на 11 Oктомври?

Предвидено е обраќање на премиерот Ковачевски и културно-уметничка програма пред платото на Спомен-костурницата, а во Собранието ќе се одржи свеченост на која ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“ која годинава ја добива композиторот Љупчо Констатинов за животно дело во областа на културата и уметноста.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.