Русија не успеа во обидот да го врати своето место во најважното тело за човекови права на Обединетите нации (ОН), откако значително мнозинство земји се спротивставија на тоа за време на изборите одржани на 10 октомври на Генералното собрание на ОН.
Минатата година, поради инвазијата врз Украина, Русија беше суспендирана од Советот за човекови права на ОН, тело со седиште во Женева.
Сега, за две слободни места во Советот наменети за источноевропската група земји, Русија се натпреваруваше со Албанија и Бугарија.
На тајното гласање Бугарија доби 160 гласа, Албанија 123 гласа, а Русија само 83 гласа.
193-членото Генерално собрание на ОН избираше 15 членови на Советот за човекови права.
Пред гласањето, рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, ги обвини САД дека водат кампања за спречување на враќањето на Русија во Советот.
„Главната фобија на нашите американски колеги денес е изборот на Русија во Советот за човекови права“, рече Небензија на 9 октомври на состанокот на Советот за безбедност свикан од Украина во врска со минатонеделниот руски напад врз село во регионот Харков, а во којшто напад загинаа 52 лица.
САД и други земји и организации испратија писма до многу од 193-те членки на Генералното собрание повикувајќи на гласање против Русија.
Фелис Гер, директор на Институтот за унапредување на човековите права „Џејкоб Блаустејн“ при Американско- еврејскиот комитет, беше меѓу оние кои повикаа на гласање против Москва.
Заменик американскиот амбасадор Роберт Вуд во Советот за безбедност, пак, рече дека реизборот на Русија во Советот за човекови права „додека таа продолжува отворено да врши воени злосторства и други злосторства ќе биде грда дамка што ќе го поткопа кредибилитетот на таа институција и на Обединетите нации“.
Во април 2022 година, помалку од два месеци од почетокот на руската инвазија на Украина, Генералното собрание со 93 гласа „за“, 24 „против“ и 58 „воздржани“ гласаше за резолуцијата покрената од САД за суспендирање на Русија од Советот за човекови права.
На изборите денеска (10 октомври) друго неизвесно гласање беше во групата на Латинска Америка и Карибите, каде Куба, Бразил, Доминиканската Република и Перу се натпреваруваа за три места. Од играта отпадна Перу.
Гласањата за останатите места во Советот не беа неизвесни.
Кина, Јапонија, Кувајт и Индонезија беа избрани да ја претставуваат групата држави од Азија.
Бурунди, Малави, Гана и Брегот на Слоновата Коска беа избрани за четирите африкански места.
Франција и Холандија, пак, ќе ги пополнат двете столчиња за западните земји.