Главниот град на Шведска, Стокхолм, од 2025 година ќе забрани автомобили на бензин и дизел во делови од центарот на градот како дел од борбата за подобрување на квалитетот на воздух и намалување на бучавата од сообраќајот.
Ваквата мерка значи дека се воведува еколошка зона во 20 блокови во строгиот центар на градот каде се наоѓаат улици со луксузни продавници и некои од најскапите деловни објекти во Шведска.
Партијата на зелените, која е дел од владејачката коалиција на левичарските и еколошките партии во градското собрание во Стокхолм, очекува дека оваа мерка ќе го поттикне користењето на електрични автомобили на сметка на оние што возат на бензин или дизел.
„Денес воздухот во Стокхолм предизвикува бебињата да имаат проблеми со белите дробови, а возрасните луѓе умираат прерано. Тоа е целосно неприфатлива ситуација“, рече заменик-градоначалникот Ларс Стромгрен од Зелената партија.
Во т.н. еколошка зона ќе биде дозволено да се движат целосно електрични автомобили. Исклучок од новата регулатива ќе бидат поголеми комбиња кои во најмала рака ќе треба да бидат хибридни.
Одредени други возила, амбулантни и полициски возила, како и автомобилите чии возачи или сопатници имаат документ за инвалидитет, исто така се дел од исклучоците.
Локалната власт во главниот град на Шведска најави дека планот е по оваа прва фаза, да има проширување на еколошката зона.
Компаниите кои се занимаваат со транспорт, пак, критикуваат дека градските власти отишле предалеку и оти треба да се фокусираат на повеќе инвестиции во електрични станици за полнење автомобили со цел да ги натераат жителите да се префрлат на користење електрични возила.