Белата куќа и Конгресот се договараат за спојување на помошта за Украина и Израел

Зградата на американскиот конгрес, САД

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и клучните конгресмени активно работат на тоа помошта за Израел да се поврзе со финансирањето на Украина, изјави официјален претставник на администрацијата и двајца проукраински републикански конгресмени.

Демократските и републиканските конгресмени кои поддржуваат поголема помош за Украина посочија дека пакетот помош ќе биде потенцијален метод за обезбедување на дополнително финансирање за Киев, и покрај противењето на некои републиканци во Претставничкиот дом и Сенатот.

Група конзервативци од Претставничкиот дом остро се спротивстави на новото финансирање на Украина, како што побара Белата куќа, а ова прашање ќе биде една од главните теми на изборите за лидер на Републиканската партија подоцна неделава, пренесе телевизијата Ен-би-си.

Видете и ова: САД испратија запленета иранска муниција во Украина

Дополнителната помош за Израел по нападот на милитантниот Хамас може да се соочи со помал отпор во Конгресот.

„Белата куќа ја проценува политичката одржливост на поврзувањето на помошта за Украина и Израел“, кажа претставник на администрацијата, признавајќи дека Конгресот ќе ја донесе конечната одлука.

Координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на Соединетите Држави, Џон Кирби, денеска изјави дека „двете теми се важни“ и дека САД се доволно големи, економски одржливи, доволно силни за да ги поддржат двете земји.

Останува нејасно кога треба да се донесе одлука дали да се поврзе помошта за Украина и Израел, а Конгресот се соочува со краен рок до средината на ноември да ја спонзорира федералната влада. Неименуван републикански сенатор изјави дека Израел и Украина се очекува да бидат вклучени во идниот предлог-закон за трошоци.