Данска сака да ги зголеми испораките на авионите Ф-16 за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и данската премиерка Мете Фредериксен во борбен авион Ф-16 во воздухопловната база Скридструп во Војенс, Данска, 20 август 2023 година

Данска работи на „проширување и продлабочување“ на коалицијата на земји посветени на испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина, изјави премиерката Мете Фредериксен на годишната седница на парламентарното собрание на НАТО во Копенхаген.

„Сè додека Украинците се подготвени да ја водат оваа војна за нашата слобода, да одлучиме дека заморот од војната нема да се појави во нашата трансатлантска заедница“, рече Фредериксен.

Холандија и Данска ја водеа иницијативата за обука на украински пилоти да летаат со Ф-16 и подоцна да ги испорачаат борбените авиони во Украина за да помогнат во спротивставувањето на руската воздушна супериорност.

Норвешка, исто така, кон крајот на август се обврза да испорача Ф-16 на Украина, додека 11 други земји, вклучително и Соединетите Држави, рекоа дека ќе помогнат во обуката на украинските пилоти да управуваат со авионите.

Видете и ова: Холандија и Данска ќе и дадат на Украина борбени авиони Ф -16

Данскиот премиер рече и дека НАТО и ЕУ мора подобро да ја координираат набавката на оружје и муниција во рамките на унијата и воената алијанса.

„НАТО е камен-темелникот на нашата колективна безбедност, но во исто време мораме да направиме повеќе во Европа. Сè започнува и завршува со НАТО, но во Европа и во рамките на Европската Унија мора да направиме повеќе“, рече Фредериксен.

Ф-16 (Fighting Falcon) е лесен борбен авион кој првично беше дизајниран во 1970-тите.

За прв пат беше воведен во употреба во 1979 година и беше интензивно користен од американските воздухопловни сили и во војните во Ирак и во Авганистан.