Претседателот да нема право да помилува обвинети, само осудени предвидува предлог законот за помилување

Илустрација, Затвор Идризово

Македонскиот претседател нема да има можност да помилува обвинети чии предмети се во истражна или судска постапка, туку само осудени луѓе. Со предлог законот за помилување оваа можност што претходно ја искористи поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов ќе биде исклучена. Министерството за правда денеска соопшти дека Предлог-законот за помилување е доставен во владина процедура.

„Во однос на предлог Законот за помилување, во чија изработка беше вклучен и претставникот на претседателот, конечно е вклучена заложбата на претседателот Пендаровски за исклучување на аболицијата во нашиот правен систем, односно да се оневозможи правото на шефот на државата да помилува лица за кои е во тек истражна или судска постапка, а нема правосилна пресуда“, велат од Кабинетот на претседателот на државата.

Видете и ова: Стразбур засега не ги ослободи од гонење Груевски и други екс-функционери


На овој начин, како што се посочува, ќе се овозможи кривичните судови да ја остварат во целост својата основна функција, а таа е во соодветна постапка да ја утврдат вината на обвинетите и да ги осудат виновните сторители на кривични дела.

Министерството за правда соопшти дека ова како клучна новина беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.

На новиот Закон за помилување една година работеше Работна група, која предложи и претседателот да не може да помилува по службена должност туку само по молба на осудениот или неговото семејство.

Видете и ова: Од 94 обвинети од СЈО, зад решетки се Мијалков, Јанкулоска и Талески

Поранешниот претседател Иванов во 2016 година со еден акт помилува 56 луѓе кои на некаков начин беа поврзани со тогаш актуелната афера за масовно прислушување на над 20 илјади луѓе што ја објави опозициската СДСМ.

Дел од нив не беа ниту обвинети, како што беше обвинителката Фатиме Фетаи, додека дел беа сведоци како Коста Крпач кој почина под сомнителни околности, а за дел се водеа некакви постапки, некои имаа и пресуди. Одлуката за аболиција предизвика масовни протести во земјата под мотото “Нема правда, нема мир“ и овој силен притисок од домашната, но и од меѓународната јавност доведе до тоа Иванов 10 дена по нејзиното донесување, да ја поништи својата одлука.

Со новиот предлог закон е предвидено молбите за помилување се доставуваат до претседателот преку Министерството за правда.