Московскиот суд ја осуди руската новинарка Марина Овсијаникова во отсуство на осум и пол години затвор поради протестот пред Кремљ.
Овсијаникова стана позната во март минатата година, откако упадна во студиото на руската државна телевизија, каде што беше вработена во тоа време, за време на емитување вести, и ја осуди војната во Украина. Таа одржа протест пред Кремљ четири месеци подоцна.
Окружниот суд во Басмани ја прогласи новинарката виновна за дистрибуција на „лажни информации“ за руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Украина, велејќи дека таа е „мотивирана од политичка омраза“.
Случајот против Овсијаникова беше покренат во јули минатата година, откако таа го одвитка плакат во близина на Кремљ со натпис „Путин е убиец, неговите војници се фашисти“ со фотографии од украински деца убиени за време на нападите на руските вооружени сили врз украинските цивили.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Руска новинарка тврди дека била труена во Германија
Таа беше ставена во домашен притвор во август, но побегна од земјата во октомври со нејзината 11-годишна ќерка, откако судот во Москва пресуди дека девојчето мора да остане со нејзиниот татко, бидејќи нејзината мајка била „вмешана во политички активности“.
Оттогаш по Овсјаникова се трага бидејќи МВР соопшти дека ги прекршила условите за домашен притвор.
Марина Овсијаникова, родена во Украина, беше продуцент на Канал 1 во времето на протестите. Законот потпишан од рускиот претседател Владимир Путин во март минатата година предвидува долги затворски казни за намерно дистрибуирање на „лажни информации“ за руските воени операции.
Русија ја нарекува инвазијата на Украина, која ја започна во февруари, „специјална воена операција“. Забрането е јавно да се нарекува војна, а оние кои ќе го направат тоа се соочуваат со строги казни.