Еден од двата гранични премини со Србија на северот на Косово, Брњак, е отворен во среда на 4 октомври, потврди за Радио Слободна Европа заменик директорот на полицијата за северниот регион Ветон Елшани.
Но, Јариње сѐ уште е затворено поради пребарување на теренот во тој регион.
„За Јариње сѐ уште не е пристигната наредбата за отворање“, рече Елшани.
Овие два премини се затворени од 24 септември, кога група вооружени лица ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска, општина Звечан.
Тогаш беше убиен еден косовски полицаец, додека во престрелката загинаа и тројца српски напаѓачи.
Видете и ова: Милан Радоичиќ сослушан во српското обвинителството, негираше винаКосово ја обвини Србија за нападот во Бањска, кој беше окарактеризиран како „терористички чин“.
Од друга страна, официјален Белград ги отфрли овие обвинувања со образложение дека локалните Срби од Косово „се побунија против теророт на Курти“.
Во меѓувреме, на 29 септември, Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во Бањска. Истиот ден тој поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград.
Радоичиќ на 3 октомври беше приведен од Министерството за внатрешни работи на Србија, а во полиција беше задржан до 48 часа.