Дачиќ: Целта на Србија е деескалација на Косово, а Приштина не го сака тоа

Ко-известувачот на Комитетот за мониторинг на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Аксел Шефер и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во Белград на 3 октомври 2023 година.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ на 3 октомври изјави дека целта на Србија е да ја деескалира ситуацијата на Косово, а тоа не го сакаат властите во Приштина, соопшти српското Министерство за надворешни работи.

На средбата со Аксел Шефер, ко-известувач на Комитетот за мониторниг на Парламентарното собрание на Советот на Европа за подготовка на извештаи за напредокот на Србија, Дачиќ рече дека Србија е упорна во примената на вредносната рамка и стандардите на Советот на Европа.

Според соопштението на Министерството, Дачиќ накратко го информирал Шефер за сложената ситуација на Косово и „нагласил дека целта на Србија е да ја деескалира ситуацијата на терен“, но, како што рече, властите во Приштина „во моментот тоа не го сакаат“.

Видете и ова:

Вучиќ: Сите кои направиле кривично дело во Бањска ќе бидат повикани на одговорност

Косовските власти ја обвинуваат Србија за нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска, кога беа убиени полицаецот Африм Буњаку и тројца напаѓачи од српска националност.

Министерството за внатрешни работи на Србија на 3 октомври соопшти дека Милан Радоичиќ е приведен во Вишото јавно обвинителство во Белград со кривична пријава, по што во полиција му е одредена мерка притвор до 48 часа.

Видете и ова:

Милан Радоичиќ сослушан во српското обвинителството, негираше вина

Радоичиќ, откако косовските власти го обвинија за организирање вооружен напад врз косовската полиција, ја призна одговорноста и поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград.

Обвинителството соопшти дека осомничениот Радоичиќ го негирал извршувањето на кривичните дела што му се ставаат на товар. Се додава дека по сослушувањето, на судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград му било предложено „поради ризик од бегство“, на Радоичиќ да му се одреди притвор.