Околу 500 вработени во Поштите во Црна Гора на 2 октомври стапија во генерален штрајк, со почитување на минималната работа поради што поштите ширум земјата сепак останаа отворени.
„Бараме зголемување на платите за 30 отсто за сите работници, со исклучок на менаџментот, и бараме да се плати времето поминато во штрајк“, изјави претседателот на одборот за штрајк Југослав Марковиќ.
Платите на вработените не се зголемени 12 години, а просечната плата на шалтерските работници и поштарите изнесува околу 540 евра.
Просечната нето заработка во Црна Гора во август изнесувала 799 евра.
Од единствениот синдикат на Пошти потсетија дека преговорите со управата на Пошти, кои траат веќе една година, досега не довеле до договор.
Видете и ова: Македонија со најголем пад, Црна Гора со најголем раст на реалните плати во регионотЗа време на последните преговори, одржани на 27 септември, не беше најден заеднички јазик, ниту пак добивме каква било понуда од работодавецот за процентот за зголемување на платите, рече Марковиќ.
„Само добивме ветување дека „можеби нешто ќе се случи“ откако ќе заврши деветмесечната пресметка“, додаде претседателот на одборот за штрајк.
Од менаџментот на Пошти пак, објавија дека добиле информација од инспекциите дека „не се исполнети законските услови за стапување во штрајк“, па ги предупредија вработените дека казните за ова се движат од 500 до 1 000 евра.
Синдикалците пак остро демантираа дека штрајкот е незаконски и најавија дека истиот нема да престане сѐ до исполнување на барањата.