Бомбаш самоубиец детонирал бомба во Анкара, повредени се двајца полицајци

Полицајците обезбедуваат област во близина на Министерството за внатрешни работи по бомбашкиот напад во Анкара, Турција на 1 октомври 2023 година.

Бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа во главниот град на Турција, Анкара. Вториот „терорист“ бил убиен во престрелка со полицијата, при што биле ранети двајца полицајци, наведе министерот за внатрешни работи Али Јерликаја во објава на социјалната платформа Х, поранешен Твитер.

Турскиот министер вели дека експлозијата се случила околу 9:30 часот по локално време на 1 октомври пред седиштето на Министерството за внатрешни работи.

Во областа каде се случил нападот има и неколку други министерства и турскиот парламент, кој денеска треба повторно да биде отворен по летните одмори, со обраќање на претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавуваат турските медиуми.

Јерликаја во објавата на социјалните мрежи напиша дека терористите се доближиле до зградата на полицијата со лесно комерцијално возило и дека еден од нив го активирал експлозивот и се разнел, а вториот, додаде, бил „неутрализиран“ во престрелката со полицијата која следела, во која двајца полицајци, исто така, биле полесно ранети.

Обвинителството во Анкара соопшти дека отвора истрага и забрани пристап до областа.

Никој веднаш не презеде одговорност за нападот.

Турскиот претседател Ердоган требаше да зборува за време на отворањето на денешната парламентарна седница, на која треба да се потврди влезот на Шведска во НАТО алијансата.

Унгарија и Турција во јули го укинаа ветото против влезот на Шведска во Атлантскиот сојуз, но бавно го ратификуваат нејзиното членство.

Ердоган во јули посочи дека ратификацијата од турскиот парламент нема да се случи пред октомври, но се очекува таа да биде одобрена во текот на оваа парламентарна година.

Видете и ова: Орбан: Унгарија не брза да ја ратификува кандидатурата на Шведска за НАТО


Ердоган со месеци вршеше притисок врз Шведска да преземе мерки против сквернавењето на Куранот што ги затегна односите меѓу двете земји.

Финска стана 31-ва земја-членка на НАТО во април, по три децении воена неутралност и во екот на војната во Украина.

Во главниот град на Турција, Анкара досега имало неколку напади, особено во текот на 2015 и 2016 година, за кои напади одговорноста ја презеде забранетата сепаратистичка група Курдистанска работничка партија (ПКК) или групата Исламска држава.