Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, на 30 септември го посети украинскиот пристанишен град Одеса на Црното Море. Тој жали што овој град е во фокусот на вестите, не поради неговата убавина и историско значење, туку затоа што е цел на руски напади со ракети и дронови.
„Одеса е прекрасен историски град. Би требало да биде на насловните страници поради неговата енергична култура и дух. Наместо тоа, во вестите е поради тоа што е честа цел на војната на Путин“, сподели Борел на платформата X, поранешен Твитер.
„Бев сведок на последиците од оваа војна, како Украина и Одеса плаќаат висока цена за тоа“, рече тој во видеото објавено на X.
„Ова е добар пример за тоа како Русија се обидува да ја уништи Украина“, додаде тој, посочувајќи на оштетените ѕидови внатре во катедралата „Преображение Господово“.
Додека ја обиколуваше катедралата, Борел го нарече рускиот напад врз градот „варварски“.
Стариот кварт на Одеса и историската катедрала „Преображение Господово“ беа тешко оштетени од руското бомбардирање во јули.
Пристанишната инфраструктура, која е клучна за извозот на жито во Украина, исто така е погодена во неодамнешните напади.
Борел истакна дека помина една година од руската нелегална анексија на регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон. Тој ја спомена и нелегалната анексија на Крим во 2014 година.
Видете и ова: Украина тврди дека руските сили повторно ја нападнале ОдесаНајвисокиот дипломат на ЕУ вети дека Европа нема да ја напушти Украина во нејзината жестока војна за повторно да ги заземе тие области, велејќи дека е потребна дополнителна воена, економска, политичка и дипломатска поддршка.
Тој, исто така, рече дека неговата посета на Одеса имала за цел да истакне како ЕУ ја поддржува Украина на повеќе начини со надеж за „праведен мир кој ги зачувува територијалниот интегритет и независноста на Украина“.
Патувањето на Борел не беше однапред најавено од безбедносни причини. Не беа соопштени детали што друго имало на неговата агенда.