Зеленски најави Алијанса за одбранбени индустрии за зајакнување на военото производство

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави создавање на Алијанса за одбранбени индустрии за производство на оружје во неговата земја и ја нагласи својата посветеност за развој на модерна одбранбена индустрија, додека трае тековната инвазија од Русија.

Зеленски го објави ова на Форум за одбранбени индустрии во Киев, на кој, како што рече, има претставници од индустријата од САД, Велика Британија, Франција, Германија, Турција, Шведска и Чешка.

„Ние развивме соодветна основна декларација како основа на Алијансата, на која може да и се приклучат производители на оружје и воена опрема ширум светот кои ја делат нашата намера да обезбедиме заштита од агресија во ризичните услови на денешницата“, им рече Зеленски на присутните на 30 септември.

Видете и ова: Столтенберг од Киев: Украинската војска постепено освојува територии

Настанот во Киев уследи по ненајавените посети на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и министрите за одбрана на Велика Британија, Франција и Словачка.

Тековната целосна инвазија на Русија на Украина наиде на жесток украински отпор. Украина, пак, добива поддршка во оружје од НАТО и други држави кои го поддржуваат незиниот суверенитет и територијален интегритет.

„Наш приоритет е развој на одбранбеното производство со користење на современи технологии, вклучително и производство на гранати, ракети и беспилотни летала во Украина, во соработка со светските лидери во оваа област“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека неговата земја е „подготвена да им понуди посебни услови на компаниите кои сакаат да го развиваат одбранбеното производство заедно со нашата земја“.

Зеленски рече дека декларацијата е веќе потпишана од 13 компании „кои се подготвени да изградат нов арсенал за одбрана заедно со Украина“.

Столтенберг од НАТО, британскиот министер за одбрана Грант Шапс и францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну пристигнаа во Киев во ненајавени посети пред форумот.