Северна Кореја соопшти дека ќе го депортира американскиот војник Тревис Кинг, кој во јули побегна преку границата од Јужна Кореја.
Пјонгјанг ќе го депортира Кинг откако ќе ја заврши истрагата за „нелегалниот“ влез, објави државната новинска агенција КЦНА. Не е прецизирано како, кога и каде ќе биде транспортиран војникот Кинг, ниту каква е неговата здравствена состојба.
Објавата доаѓа еден месец откако Северна Кореја призна дека го привела.
Според КЦНА, пренесува Би-Би-Си, 23-годишникот признал дека илегално преминал во Северна Кореја „поради нехуман третман во американската војска, расизам и разочарување од нееднаквото американско општество“.
„Надлежниот орган во Демократска Народна Република Кореја одлучи да го депортира американскиот војник Тревис Кинг, кој илегално влегол на територијата на републиката, во согласност со законите на републиката“, се вели во соопштението.
Кинг, кој е во војска од јануари 2021 година, не е виден откако преминал во Северна Кореја.
Видете и ова: Севернокорејскиот лидер ги разгледа руските нуклеарни бомбардериТој беше во Јужна Кореја како дел од редовна воена ротација и требаше да биде испратен дома во САД за да биде дисциплиниран, откако помина два месеци во притвор во Јужна Кореја поради обвиненија за напад.
Кинг бил на обиколка со водич низ Демилитаризираната зона (ДМЗ), која ги дели двете Кореи, кога ја напуштил групата и побегнал преку границата.
Двете земји технички сè уште се во војна по завршувањето на Корејската војна со примирје во 1950-тите. Десетици илјади американски војници останаа во јужниот дел на полуостровот.
Во последниве години, голем број американски државјани кои илегално влегле во Северна Кореја, со исклучок на оние кои биле осудени за криминални активности таму, се ослободени во рок од шест месеци.
Некои беа пренесени дома преку Пекинг. Меѓу нив се и мисионерот Роберт Парк, кој беше ослободен во 2010 година, откако беше притворен повеќе од еден месец, како и американскиот ветеран од Корејската војна Мерил Њуман.