Во изминатите две децении иницијативата САД-Јадранска повелба (А-5) се покажа како успешен регионален механизам за јакнење на довербата меѓу земјите членки, но и пошироко, оцени министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната 26. Конференција на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).
Таа во своето обраќање посочи дека резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и широко препознаени, додавајќи дека во изминатите две децении, Соединетите Држави биле најсилните мотиватори и поддржувачи на европските и евроатлантските агенди на земјите членки на Повелбата.
„Без вашата несебична поддршка сите ние немаше да бидеме онаму каде што сме денеска. Убедена сум дека поддршката ќе продолжи со несмален интензитет и во наредниот период и во реализација на идните планирани проекти во рамки на Повелбата“, рече Петровска.
Видете и ова: НАТО ја истакна важноста на Западен Балкан
Командантот на Командата на Армијата на САД за Европа, генерал Кристофер Каволи рече дека инвазијата на Украина од страна на Русија укажува на вредноста и важноста на колективната безбедност и колективниот територијален интегритет.
„Сите земји кои се тука присутни имаат значителни програми за споена соработка и учествуваат како партнери и сојузници во модернизацијата на НАТО во рамки на концептот за колективна одбрана. Инвазијата на Русија, исто така не потсетува дека потребно е да работиме на стабилноста секој ден и случувањата во овој регион кои неодамна се случија покажуваат дека сите мора да придонесуваме на стабилноста секој ден“, истакна Каволи.
На конференцијата се обрати и претседателот Стево Пендаровски кој изрази задоволство што оваа година претседавањето со А 5 групацијата го презеде нашата земја, за првпат откако е членка на НАТО.
Видете и ова: Петровска: Безбедноста на Северна Македонија не е загрозена
Оцени дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметнала потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, процес, за кој оцени дека ќе ја зајакне стабилоста, безбедноста и демократизацијата на регионот.
„За жал, пролонгирањето на евроинтеграциите од различни причини практично на сите западнобалкански држави го разнишува кредибилитетот на Унијата.,Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји, и за првпат после три децении расте поддршката за некои други организации и поинакви модели на управување“, порача Пендаровски.
На конференцијата беа присутни и началниците на ГШ на вооружените сили (ВС) на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Војската на Црна Гора, како и високи воени раководители од Здружената команда на НАТО од Неапол и од Kомандата на САД за Европа.