Украина тврди дека го убила командантот на руската морнарица во ракетниот напад во Севастопол

Командантот на руската Црноморска флота вицеадмирал Виктор Соколов

Украинската војска тврди дека се убиени најмалку 34 офицери на руската Црноморска флота, вклучително и нејзиниот командант, во ракетен напад врз седиштето на флотата во Севастопол минатата недела.

Наводите на украинската армија не може да се потврдат, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Русија објави дека значително помалку луѓе загинале во нападот на 22 септември на пристаништето Севастопол на Крим, кој е окупиран од Русија.

Нападот на поморскиот штаб беше последен во серијата сè похрабри напади на украинските сили врз руски бродови и објекти во Црното Море. Западните експерти велат дека овие напади би можеле драстично да ги ограничат операциите на руската морнарица во регионот.

Видете и ова: Украински ракетен напад врз седиштето на руската Црноморска флота на Крим

Во соопштението на 25 септември, украинските сили за специјални операции наведоа „нови информации за загубите на непријателот како резултат на специјалната операција“, тврдејќи дека 34 офицери, вклучително и командант на флотата, биле убиени кога крстосувачки проектили, за кои се верува дека биле од британско или француски производство, ја погодија зградата на седиштето во Севастопол.

Според соопштението, повредени се најмалку 105 лица.

Во украинското соопштение не се споменува името на командантот на морнарицата. Сегашниот највисок офицер на руската Црноморска флота е адмирал Виктор Соколов.