Северна Македонија е виновна и треба да плати отштета од 13.300 евра на сексуални работнички оти во 2008-та нехумано постапиле со нив за време на полициска акција, одлучи Европскиот суд за човекови права, со седиште во Стразбур.
Во полициската акција наречена „Сузбивање на улична проституција“ во ноември 2008 година, биле приведени 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи, кои биле затекнати покрај кејот на реката Вардар во центарот на Скопје.
Судот пресудил дека сексуалните работници биле изложени на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.
„Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи, без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови“, велат од невладината за човекови права и слободи „ХОПС“.
Видете и ова:
Сексуалните работници со „црвени фустани“ побараа унапредување на нивните праваПо само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права.
Од ХОПС велат дека оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани.