Убиен полицаец на северот на Косово

Косовска полиција (Илустративна фотографија)

Еден косовски полицаец е убиен, а двајца се повредени во пукање што се случило рано утринава во областа Звечани, на северот на Косово, потврди косовската полиција.

Косовскиот премиер Албин Курти исто така го потврди пукањето на социјалната мрежа „Фејсбук“, наведувајќи дека полицијата била нападната во селото Бањска и нападот го нарече терористички чин.

Курти истакна дека овој организиран криминал кој се случува е со „политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград“.

Косовскиот премиер информираше и дека убиениот полицаец бил наредник.

Останатите двајца полицајци се надвор од животна опасност и се на лекување во Приштина.

Видете и ова: Апсења за воени злосторства во Косово, Србија вели дека се „политички мотивирани“

„Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје“, напиша Курти на социјалните мрежи утрово околу 7.30 часот.

Тензиите на северот на Косово траат од мај, кога општините на север, претежно населени со Срби, не примија нови градоначалници Албанци.

Ситуацијата повремено ескалираше во насилство, а меѓународната заедница побара од Косово да работи на смирување на тензиите.

Видете и ова: Курти ги обвинува „сојузниците на Русија“ за поткопување на дијалогот Косово-Србија