Раиси: САД треба јасно да покаже дека сака да се врати на нуклеарниот договор од 2015 година

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси рече дека неговата земја никогаш нема да се откаже од правото „на мирна нуклеарна енергија“ и го повика Вашингтон „да демонстрира на доверлив начин“ дека сака да се врати на нуклеарниот договор од 2015 година.

Во говорот пред годишниот состанок на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите Нации, Раиси рече дека повлекувањето на Соединетите Држави од договорот ги прекршува американските обврски и е „несоодветен одговор“ на исполнувањето на обврските од Иран.

Тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 година и повторно воведе остри санкции кон Исламската Република. Една година подоцна, Иран почна да го прекршува договорот и во Виена започнаа разговори за обновување на договорот. Но, разговорите пропаднаа во август 2022 година.

Иран долго време негираше дека има намера да развие нуклеарно оружје и инсистира на тоа дека неговата програма е целосно за мирољубиви цели. Раиси го повтори овој став во ОН, велејќи дека „нуклеарното оружје нема место во одбранбената и воената доктрина“ на неговата земја.

Но, шефот на нуклеарното набљудување на ОН, Рафаел Гроси, во понеделникот во интервју за Асошиетед прес рече дека отстранувањето на камерите и другите електронски системи за следење од страна на Иран ја спречило Меѓународната агенција за атомска енергија да даде гаранции за нуклеарната програма на Техеран. Гроси претходно предупреди дека Иран збогатил доволно ураниум за да може да го искористи за да изгради „неколку“ нуклеарни бомби доколку сака.

Видете и ова: Поглед напред: Во 2023 нов ирански нуклеарен договор или тврд план Б?

Директорот на оваа агенција на ОН побара да се сретне и со претседателот на Иран за да го убеди дека Техеран се откажува од забраните што им ги воведе на инспекторите на агенцијата.

Раиси не ги спомна инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија, но Европската унија (ЕУ) објави соопштение во вторникот вечерта во кое се наведува дека шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, се сретнал со министерот за надворешни работи на Иран и го покренал прашањето за нуклеарниот договор, инспекторите но и апсењето на многу граѓани на ЕУ кои имаат двојно државјанство.

За време на состанокот со највисокиот ирански дипломат, Хосеин Амирабдолахиан, ЕУ рече дека Борели го повикал Иран да ја преиспита својата забрана за нуклеарни инспектори и да ја подобри соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија.

Борел повторно ја повика иранската влада да ја прекине воената соработка со Русија, се вели во соопштението на ЕУ. Западните земји објавија дека Иран ја снабдува Русија со воени беспилотни летала, кои Москва ги користи против Украина. Сепак, Техеран ги отфрли таквите тврдења