Семејствата на жртвите од пожарот во модуларната во Тетово на протест во Скопје, бараат одговорност и нов судски процес

Протестен марш за пожарот во модуларната болница во Тетово пред Јавното обвинителство во Скопје

Под мотото „32 години, 32 години корупција што убива“ претставници на семејствата на 14 лица кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово пред две години, денеска во Скопје одржаа протестен марш поради, како што посочија, незадоволство од работата и постапките на Обвинителството во однос на овој случај.

Протестниот марш почна од пред плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде ги залепија транспарентите.

Демонстрантите побараа разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовевски заедно со другите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, за кои сметаат дека се инволвирани во прикривање на делото. Побараа и отворање на нова судска постапка за причините на пожарот и повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово.

Мумин Исмаили, роднина на една од жртвите во пожарот, а кој и самиот се наоѓал во модуларната кога избувнал огнот, на денешниот протест истакна дека се додека не се земат предвид нивните барања, тие ќе бидат принудени да ја сменат формата на мирни протести.

„Тие денеска не се меѓу нас само заради тоа што не се почитуваа градежните стандарди. Животот на граѓаните во оваа држава е заложник за пазарење и тендери без критериуми и материјална корист, но се докажа дека корупцијата убива во оваа држава. Сите зборуваат за интеграција во ЕУ и владеење на правото, но во оваа држава не се почитува најсветото - човечкиот живот. 14 жртви - ниту еден ден затвор. Од оваа зграда не видовме ниту П од правда. Токму од оваа зграда се уништува перспективата и надежта за достоинствен живот во оваа земја. Ова Обвинителство е газда за организиран криминал, корупција, зло и олигархија“, истакна Исмаили.

Видете и ова:

Протест во Тетово за жртвите во модуларната болница - 14 жртви, нула дена затвор

Тој додаде и дека довербата во правосудниот систем е на најниско ниво и посочи дека сме „сведоци на едно тотална неодговорност на криминалното владеење во сите ниво во системот“.

Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени. На 5 јуни годинава пак, заврши судскиот процес за овој случај, во кој немаше ниту една осудителна казна - поранешните директори на болницата добија условни казни, а докторот на смена беше ослободен од обвинение.

По ова, но и по објавувањето на документарецот на ИРЛ „Убиство во Тетово“, незадоволните Тетовци и роднини на жртвите два пати излегоа на протест пред Кривичниот суд во Тетово, а денеска и овде пред Обвинителството побараа, како што велат, правда и одговорност за пожарот кој однесе 14 животи.