Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија нема да прекрши никакви договори во врска со Северна Кореја, пренесоа британските медиуми. Неговата изјава следува по средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун на рускиот Далечен Исток.
Русија, која ги поддржува санкциите против Северна Кореја, постојано повторува дека сака да ги продлабочи односите со Пјонгјанг.
Јужна Кореја и Соединетите Држави рекоа дека секој воен договор меѓу Путин и Ким ќе ги прекрши санкциите на ОН против Северна Кореја.
„Северна Кореја е наш сосед и мораме, вака или онака, да градиме добрососедски односи со нашите соседи. Да, има некои специфични работи поврзани со Корејскиот полуостров. Разговараме за ова, разговараме отворено, никогаш ништо не прекршуваме и во овој случај нема да прекршиме ништо“, рече Путин.
Кремљ денеска соопшти дека Русија и Северна Кореја не потпишале никакви договори за воени прашања или за други области за време на посетата на Ким Џонг-ун на Русија оваа недела.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за потпишување формални договори за време на посетата, за време на која Ким Џонг-ун разговараше лице в лице со претседателот Владимир Путин.
Севернокорејскиот лидер, кој се уште е во Русија, денеска беше во обиколка на фабрика за производство на руски борбени авиони што е предмет на санкции од Западот.
Вашингтон и неговите сојузници стравуваат дека неговата посета може да ја зајакне руската војска во Украина и да ја зајакне ракетната програма на Пјонгјанг.