Десетици земји побараа Иран веднаш да одговори на прашањата за неговата нуклеарна програма, вклучително и откривање на моменталната локација на нуклеарни материјали од поранешните тајни објекти. Ова барање дојде во заедничката изјава на 13 септември од повеќе од 60 земји што беше прочитана од дански дипломат на состанокот на Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена.
Дипломатите на состанокот побараа појаснување за други нејаснотии во врска со резервите на ураниум во Иран. Тие го критикуваа Техеран дека не издава визи за влез на одредени инспектори на МААЕ.
Видете и ова: Иран го забавува збогатувањето ураниумПретходно Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), исто така, изрази жалење што Иран не постигна „никаков напредок“ во решавањето на отворените прашања, вклучително и инсталирањето на повеќе камери за следење на развојот на неговата нуклеарна програма.
Техеран во март вети дека повторно ќе ги активира надзорните уреди кои беа исклучени во јуни 2022 година во услови на влошување на односите со Западот.
Друг доверлив извештај на МААЕ, во кој имала увид агенцијата Асошиејтед прес во понеделникот, на 4 септември, наведува дека Иран има 121,6 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е многу помал пораст од претходно објавеното.