Втор протест за случајот „Онкологија“: Со масовни протести против неправдата

Неколку стотини граѓани попладнево излегоа на нов протест по скандалот на Клиниката за онкологија, барајќи „оставки, правда за жртвите и казна за вмешаните во продажбата на лекови“.

„Нашите барања и ултиматум од овој протест се: ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела; истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и на директорот Нино Васев; проширување на истрагата на работата на детската онкологија; целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија; правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; вклучување онколошки пациенти, кои ќе имаат увид во самата истрага“, порачаа организаторите.

Насобраните граѓани порачаа дека масовните протести треба да станат норма против неправдата.

„Чашата е прелеана а тие се спремни да одат до крај и да си ги измијат рацете преку новите измени на Кривичниот законик. Масовните протести да станат норма против неправдата“, рекоа дел од учесниците во протестот пред зградата на Владата.

Од Обвинителството денеска порачаа дека ќе има брза, но не и брзоплета истрага за случајот.

На 2 септември обвинителството отвори предистражна постапка за Клиниката за онкологија, а беше извршен претрес во Клиниката и на уште две локации во приватни станови во Скопје, од каде информираа дека се одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Од Обвинителството постојано апелираат дека активно се работи на случајот и тврдат дека разрешница и евентуална одговорност за овој случај ќе има.

На повеќе транспаренти на протестот можеше да се забележи дека граѓаните за виновник го посочуваат „кабелот“, алудирајќи на случајот со пожарот во тетовската модуларна болница.