Дваесет и две години од терористичките напади врз САД

Фотографија од нападот на една од кулата близначки во Њујорк, 11 септември 2001 година

Денеска се одбележуваат 22 години од најразорните терористички напади во историјата, во кои загинаа речиси 3 000 луѓе. На денешен ден исламистичка терористичка мрежа Ал Каеда изврши напади во Њујорк и во Вашингтон.

На 11 септември 2001 година припадници на Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони со намера да ги извршат нападу врз симболите на САД. Ден два авиони во рок од 16 минути се урнаа во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк. Авион на „Американ ерлајнс“ во осум часот и 46 минути (по локално време) удри во Северната кула на комплексот Светски трговски центар. Во девет часот и три минути, исто така авион на „Американ ерлајнс“ удри во Јужната кула на Трговскиот центар.

Кулите се урнаа во рок од еден час и 40 минути по ударот. При уривањето, уништени или оштетени се и други околни објекти.

Во девет часот и 37 минути трет авион се урна во зградата на Пентагон во округот Арлингтон, Вирџинија. Тоа беше уште еден авион на „Американ ерлајнс“.

Видете и ова: Како 11 септември 2001 година го смени светот

Четвртиот киднапиран авион се урна во Пенсилванија во 10 часот и три минути во поле во близина на Шанксвил, откако патниците ги нападнаа киднаперите. Се претпоставува дека било планирано авионот на „Јунајтед ерлајнс“ да удри во Белата куќа, односно зградата на Конгресот во Вашингтон.

Вкупниот број на жртви беше 2 996, меѓу кои 19 напаѓачи, а 25 000 луѓе беа повредени. Меѓу жртвите имаше 372 странски државјани од 102 земји.

Петнаесет од напаѓачите беа по потекло од Саудиска Арабија, двајца од Обединетите Арапски Емирати, по еден од Либан и од Египет.

Неколку часа по нападите американски служби објавија дека нападите се извршени од припадници на Ал Каеда. САД потоа презеде акција наречена Војна против тероризмот. Главна цел беше соборувањето на талибанците во Авганистан, базата на Ал Каеда и апсење на нивниот лидер, саудискиот милијардер Осама бин Ладен. Тој беше елиминиран на 2 мај 2011 година во Аботабад, северен Пакистан.