Пратеникот Скендер Реџепи ја формира партијата „Народно движење“

Скендер Реџепи, пратеник во Собранието

На основачкото собрание кое се одржа на 9 септември во Скопје, избрани се органи на партијата, а за претседател на „Народното движење“ е избран Скендер Реџепи.

„Движењето на народот“ е добар почеток на политичкото патување, патување кое ќе ни овозможи да ја зачуваме насоката која започна многу порано, но сега со новиот политички концепт под капата на народно движење. Нека ни е со среќа и Господ нека биде со нас“, објави Реџепи на својот Фејсбук профил.

Реџепи, недамна ја напушти партијата Алтернатива и дејствуваше како независен пратеник во Собранието, по што и најави формирање на нова политичка партија.

Видете и ова:

Скендер Реџепи најави нова политичка партија

Претходно, за формирањето нова партија, Реџепи рече дека доаѓа како резултат на незадоволството во Алтернатива, бидејќи не му дала можност за промени внатре во партијата.

Според Реџепи, иако можеби бројот на албански политички партии во нашето општество се чини голем, тој смета дека по „прв пат во историјата на плурализмот може да се случи Албанците да одат со два табора на избори“.

Во изминатиот период се формираа две нови партии од албанскиот политички блок. Изет Меџити од фракциската „Огнена група“ во ДУИ, основаше нова партија Демократско движење, а претходно беше основана уште една партија на Албанците, Европска демократска партија, чиј лидер е доскорешниот заменик-претседател на Движењето Беса, Аријанит Хоџа.