Шпанското државно обвинителство поднесе тужба против суспендираниот претседател на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес за сексуален напад и принуда за бакнување на фудбалерка без нејзина согласност по финалето на Светското првенство за жени, соопшти Обвинителството на 8 септември.
Рубиалес ја бакна во уста фудбалерката Џени Хермосо за време на церемонијата на доделување награди, откако Шпанија ја победи Англија и ја освои титулата на 20 август во Сиднеј, Австралија.
Обвинителите поднесоа случај против Рубиалес пред шпанскиот национален суд во Мадрид, два дена откако Хермосо официјално го обвини за сексуален напад.
Според законот за сексуална согласност усвоен минатата година, Рубиалес може да се соочи со парична казна или затворска казна од една до четири години доколку биде прогласен за виновен за сексуален напад.
Обвинителите во петокот додадоа дека Рубиалес можел да изврши чин на принуда кога, според Хермосо, ја притиснал да зборува во негова одбрана веднаш по избивањето на скандалот во врска со неговото однесување.
Видете и ова: ФИФА го суспендираше Рубиалес по бакнежот на Светското во фудбал за жени
Рубиалес инсистираше на тоа дека бакнежот бил согласен. Хермосо го негираше тоа во изјавите издадени од неа и синдикатот на нејзините играчи.
Обвинителите побараа Рубиалес да се појави пред суд за да даде прелиминарно сведочење.
Ако судијата на Националниот суд се согласи да го сослуша случајот, тоа ќе доведе до формална судска истрага која ќе заврши со препорака случајот или да биде отфрлен или да оди на судење.