Руски напади во Запорожје и Суми, Киев тврди дека има делумен успех во Бахмут

Украински војник во ров на фронтот во регионот Запорожје

Најмалку едно лице е повредено во нападите кои ги извршија руските сили врз украинските региони Запорожје и Суми рано на 8 септември, соопштија локалните власти.

Официјален Киев, пак, тврди дека постигнал „делумен успех“ во близина на Бахмут.

„Утрово, непријателот истрела неколку ракети, насочени кон цивилната инфраструктура во главниот град на регионот [Запорожје]. Сите служби за итни случаи се сега на лице место“, напиша на Телеграм Јуриј Малашко, шеф на регионалната воена администрација.

Малашко рече дека најмалку еден локален жител бил ранет во нападот на градот Запорожје.

Според провинциската воена управа, нема информации за жртви од Суми, каде во гранатирањето е уништена приватна куќа.

Генералштабот на вооружените сили на Украина рано на 8 септември објави дека нивните сили ги одбиле руските напади врз неколку градови и села на истокот и југот на земјата, вклучувајќи ги и Доњецките населби Лиман, Бахмут и Шахтарск.

Украинската војската тврди дека украинските сили направиле „делумен успех“ јужно од Бахмут, каде што војниците „го истуркале непријателот и ги зајакнале сопствените позиции“.

Генералштабот, исто така, рече дека трупите постепено напредувале на југ кон Азовското Море.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана тврди дека нејзините трупи одбиле девет обиди за украинско напредување јужно од Бахмут.

Извештаите од бојното поле не можат да бидат независно потврдени. Извештаите доаѓаат во време кога украинските сили се фокусираат на повторно преземање на Бахмут, кој беше заземен од руските трупи во мај по неколкумесечни интензивни борби, што го претвори градот во урнатини.

Украина, која ја започна својата контраофанзива во јуни, го отфрла она што критичарите во западните медиуми го опишаа како бавно темпо на контраофанзивата и сомнителните тактики.

Видете и ова: Нов напад на руски дронови врз украинското пристаниште Измаил



Во ноќното видео обраќање на 7 септември, претседателот Володимир Зеленски им се заблагодари на украинските војници за, како што рече, „многу, многу ефективни резултати во уништувањето на окупаторите“.

„И резултатите се токму она што сега и треба на Украина од сите“, рече украинскиот претседател.

За време на посетата на Киев на 6 септември, американскиот државен секретар Антони Блинкен го поздрави, како што рече, „многу, многу охрабрувачкиот напредок“ на украинските трупи во првите линии.