Во Хонгконг обилниот дожд предизвика поплавени улици, трговски центри и метро станици. За еден час наврнало од 158 до 200 милиметри дожд, најголемо количество на дожд во изминатите 140 години.
Надлежните во Хонгконг соопштија дека школите нема да работат.
Бирото за метеорологија издаде предупредување за највисоко црно невреме на главниот остров во Хонгконг, Коулун, и североисточниот дел од Новите територии на градот.
Владините служби спроведуваат операции за спасување, а фотографии покажуваат како граѓаните се пробиваат низ поплавените улици.
Властите во петокот соопштија дека поради невремето се хоспитализирани најмалку 83 луѓе во изминатите 24 часа.
Се очекува екстремните услови да траат најмалку до денеска напладне.
Силен дожд ја погоди и јужна Кина, а во градот Шенжен, кој се наоѓа наспроти Хонгконг во континенталниот дел на Кина, наврнало најмногу дожд од 1952 кога започнале да се бележат податоци за количина дожд.