ДКСК: Измените на КЗ сериозно ја загрозуваат правната сигурност

илустрација

Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието на Република Северна Македонија, и тоа со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата, ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата, оцени денеска Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Како што стои во соопштението, ДКСК е изненадена и загрижена од ваквиот начин на донесување на законот, дотолку повеќе, се наведува, што во меѓувреме Министерството за правда побара од ДКСК да достави мислење по Предлог–законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со рок за произнесување до 20 септември 2023 година.

Видете и ова:

Владејачкото мнозинство ги изгласа измените на Кривичниот законик

Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека со интервенциите во членовите 353, 353в и 394 не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание.

Пратениците вчера ги донесоа измените на Кривичниот законик со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба.

Измените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.