Соединетите држави ќе обезбедат тенковска муниција со осиромашен ураниум на Украина како дел од пакетот помош од 175 милиони долари, соопшти Пентагон на 6 септември.
„Муницијата со осиромашен ураниум од 120 милиметри е наменета за борбените тенкови Абрамс ветени на Киев како дел од новата транша од американската воена помош вредна 175 милиони долари“, се вели во соопштението на Пентагон.
Густината на ураниумот која е околу 1,7 пати поголема од онаа на оловото, помага таквата муниција да се пробие низ тешкиот оклоп. Но, осиромашениот ураниум е контроверзен поради неговата поврзаност со здравствени проблеми како рак и вродени дефекти, иако муницијата не е дефинитивно докажана како причина за тоа.
Оваа објава е четириесет и шестата транша од опремата која администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден најави дека ќе биде обезбедена од залихите на Министерството за одбрана за Украина од август 2021 година.
Овој пакет вклучува: дополнителна опрема за противвоздушна одбрана; артилериска муниција; противтенковски оружја, вклучително и куршуми со осиромашен ураниум за претходно ангажирани тенкови Абрамс; и друга опрема за да и помогне на Украина да се спротивстави на тековната руска војна за агресија, е наведено во соопштението на Пентагон.
Видете и ова: Блинкен во ненајавена посета на КиевОва соопштение доаѓа по денешната ненајавена посета на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Киев.
„Сакаме да бидеме сигурни дека Украина го има она што и треба, не само за да успее во контраофанзивата, туку го има она што и треба на долг рок, за да се осигураме дека има силно одвраќање“, рече Блинкен во Киев, зборувајќи заедно со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Патувањето е четврто на Блинкен во Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Украина е во третиот месец од големата контраофанзива против руските сили за која се надева дека решително ќе го промени моментумот на војната.