Политика и јајца

КОСОВО - Косовската претседателка Вјоса Османи на 4 септември, ја обвини Србија дека има дестабилизирачки план за Западен Балкан, сличен на оној, како што рече, што Русија го спроведе во Украина во 2014 година.

За време на официјалната посета на Албанија, Османи порача дека сите демократски држави во регионот треба да го спречат спроведувањето на тој план.

ШВЕДСКА - Во имигрантска населба во третиот по големина шведски град Малме, избувнаа судири откако антимуслимански демонстрант запали примерок од светата книга на исламот, Куранот, соопшти локалната полиција на 4 септември, пренесува агенцијата Асошиејтед Прес.

Полицијата во Малме соопшти дека демонстрантите фрлале камења по нив, а десетици автомобили биле запалени, опишувајќи ги настаните што започнаа во неделата и продолжија во текот на ноќта како „насилни немири“.

МАКЕДОНИЈА - „Убивате за профит“, „Монструми“, „Oнкологија = геноцид“, „Колку вреди човечкиот живот“, ова се само дел од пораките на транспарентите што денеска ги носеа учесниците на протестот пред Владата, по наводите за злоупотребата на лекови на Клиниката на онкологија.
Насобраните граѓани, кои и покрај дождливото време се собраа во 18 часот пред Владата, во центарот на Скопје, извикуваа – „крадци“ и „убијци“. Дел од насобраните си ги обоија рацете со црвена боја и оставија траги од дланките на асфалтот, а со црвена боја со големи букви на улицата пред Владата испишаа - Убијци.

РУСИЈА / ТУРЦИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин по денешниот состанок со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рече дека Русија ќе биде подготвена да се врати во договорот за житото кога ќе се исполнат сите релевантни услови за да се постигне договор.
Турскиот претседател пак рече дека верува оти наскоро ќе може да се најде решение за заживување на договорот за извоз на жито во посредство на Обединетите Нации.

МАКЕДОНИЈА - Медицинска сестра фатена во повторен обид за кражба на Онкологија, беше веднаш отстранета и повеќе не стапна во институцијата, изјави медицинскиот директор на УК за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска, појаснувајќи дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.

МАКЕДОНИЈА - Од вкупно 126 учебници за сите задолжни и изборни предмети во деветгодишно основно образование, на почетокот од новата учебна година, Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто од вкупниот број учебници. По сите наставни предмети и на сите наставни јазици, учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение, соопшти денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), врз основа на списокот со податоци што на нејзино барање бил доставен од МОН.

ИРАН - Иран го забави збогатувањето на ураниум на ниво блиску до оние потребни за производство на нуклеарно оружје, се вели во извештајот на нуклеарната агенција на Обединетите Нации.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), исто така, изрази жалење што Иран не постигна „никаков напредок“ во решавањето на отворените прашања, вклучително и инсталирањето на повеќе камери за следење на развојот на неговата нуклеарна програма.

УКРАИНА - Украина во понеделникот соопшти дека руски беспилотни летала се урнале и детонирале на територијата на Романија, земја членка на НАТО за време на нападот на украинската пристанишна инфраструктура на реката Дунав, но Букурешт категорично ја демантираше информацијата.
Москва редовно изведува воздушни напади со долг дострел врз цели во Украина, која граничи со Романија.