Путин го пречека Ердоган во Сочи, ќе разговараат за војната во Украина и договорот за житото

Рускиот претедател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на состанок во Сочи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му посака добредојде на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој пристигна на најавената средба со рускиот лидер во Сочи.

Путин најави дека двајцата лидери ќе разговараат за состојбата во Украина, како и дека Русија е отворена за разговори за договорот за житото во Црното море, од кој Москва се откажа во јули.

Путин во јули одби да го продолжи договорот, во кој Турција и Обединетите нации посредуваа минатата година. Русија тогаш се жалеше дека паралелниот договор кој ветува укинување на пречките за извоз и на храна и ѓубрива, всушност не е испочитуван.

Откако Путин се повлече од договорот за житото, Ердоган повеќепати вети дека ќе ги обнови резервите кои помогнаа да се избегне прехранбена криза во Африка, Блискиот исток и Азија.

Украина и Русија се главни снабдувачи со пченица, јачмен, сончогледово масло и други добра на кои се потпираат земјите во развој.

Видете и ова: Турски претставник - Посетата на Ердоган на Русија клучна за договорот за украинското жито

Податоците на Заедничкиот координациски центар во Истанбул, кој ги организираше украинските пратки, покажуваат дека 67 отсто од извозот на жито од Украина се носи во земјите во развој, со тоа што главна дестинација е Кина, која добивала речиси една четвртина од целата храна.

Русија во повеќе ситуации напаѓаше области каде се сместени главните пристаништа со извори на жито.

Турскиот претседател пак, Реџеп Таип Ердоган, одржува блиски врски со Путин во текот на 18-месечната војна во Украина, а Турција беше и земјата која не им се приклучи на санкциите од западот против Русија по инвазијата, наметнувајќи се како главен трговски партнер и логистички центар за руската трговија во странство, потсетува агенцијата Асошиејтед Прес.