Индија ја започна првата вселенска мисија за проучување на сонцето

Индиското вселенско летало Aditia-L1 патува откако беше лансирано од вселенскиот центар Сатиш Даван во Шрихарикота, Индија на 2 септември 2023 година.

Индија на 2 септември ја лансираше својата прва вселенска мисија за проучување на Сонцето, на помалку од две недели по успешното беспилотно слетување во близина на јужниот поларен регион на Месечината.

Вселенското летало „Aditia-L1“ тргна од вселенскиот центар Срихарикота во јужна Индија да го проучува Сонцето од точка на околу 1,5 милиони километри од Земјата, таканаречената точка L1.

Леталото е опремено со технологија за проучување на сончевата корона, хромосферата, фотосферата и сончевиот ветер, соопшти Индиската организација за вселенско истражување.

По повеќе од еден час беше објавено дека лансирањето е „успешно извршено“.

„Возилото го постави сателитот точно во предвидената орбита. Првата сончева опсерваторија во Индија го започна своето патување до дестинацијата Сонце-Земја L1 точка“, објави Индиската организација за вселенско истражување на платформата X, порано позната како Твитер.

Видете и ова: Индија стана четвртата земја во светот која успешно слета вселенско летало на Месечината

Планирано е на сателитот да му бидат потребни 125 дена за да стигне до точката L1.

На 23 август, Индија стана првата земја која слета вселенско летало во близина на јужниот пол на Месечината - историско патување до непозната територија за која научниците веруваат дека може да содржи витални резерви на замрзната вода.

По неуспешниот обид да слета на Месечината во 2019 година, Индија им се придружи на Соединетите држави, Советскиот Сојуз и Кина како четврта земја што ја постигна оваа цел.

Џитендра Синг, помладиот индиски министер за наука и технологија, ги пофали официјалните лица за нивната работа на лансирањето.

„Ова е сончев момент за Индија“, рече тој.

Штом ќе биде поставен, сателитот ќе обезбеди сигурно предупредување за наплив на честички и зрачење од зголемената сончева активност што има потенцијал да ги уништи енергетските мрежи на Земјата, рече Б.Р. Гурупрасад, вселенски научник, во напис во весникот „Тајмс оф Индија“.