Шефот на руската вселенска агенција Роскосмос на 1 септември изјави дека Русија распоредила напредна интерконтинентална балистичка ракета, за која претседателот Владимир Путин еднаш рече дека ќе ги натера руските непријатели „двапати да размислат“.
Шефот на агенцијата Јуриј Борисов изјави дека ракетите „Сармат“ се ставени на борбена готовност, јавуваат руските новински агенции. Повеќе детали не се објавени.
„Сармат“ е едно од неколкуте напредни оружја што Путин го најави во 2018 година. Ракетата базирана на силос, способна да носи повеќе нуклеарни боеви глави, е наменета да ги замени „Р-36 ICBM“ познати под името „Сатана“ во извештаите на НАТО.
Сармат, наводно, има кратка почетна фаза на лансирање, дозволувајќи им малку време на системите за надзор да го следат.
Видете и ова: Русија тестираше напредна балистичка ракетаОколу два месеци по испраќањето војници во Украина во 2022 година, Путин рече дека „Сармат“ „сигурно ќе ја обезбеди безбедноста на Русија од надворешни закани и ќе ги натера оние кои во жарот на агресивната реторика се обидуваат да и се закануваат на нашата земја, двапати да размислат“.
Претседателот на Русија годинава двапати најави распоредување на ракетите „Сармат“, во јуни и февруари.
Русија тестираше „напредни“ интерконтинентални балистички ракети неколку недели по суспензијата на учеството во договорот за нуклеарно разоружување со Соединетите Американски Држави, објави во април француската агенција за печат (AFP).
Во февруари, двата дома на рускиот парламент гласаа за суспендирање на Договорот за нуклеарно разоружување „Нов почеток“, потпишан со САД во 2010 година.
Тоа беше последниот билатерален договор за нуклеарно разоружување кој ги обврзуваше Русија и САД и според кој двете страни се согласија да ги ограничат своите нуклеарни резерви и да подлежат на меѓусебни инспекции.